Свет 17. септември 2018. / 18:14

Мадрид: Лаптоп експлодира во метро, шестмина повредени

Мадрид: Лаптоп експлодира во метро, шестмина повредени

Најмалку шест лица се повредени по експлозијата во мадридското метро откако лаптоп експлодирал во торбата на една девојка, пренесува „Раша тудеј“. Според локалните медиуми, експлозијата предизвикала паника зашто патниците помислиле дека експлодирала бомба.

Извештаите од терен покажуваат дека патниците ја активирале сопирачката за итни случаи и го напуштиле возот пеш, одејќи по пругите на метрото до станицата „Принсипе де Вергара“.

Еден очевидец изјавил дека возот запрел и дека многумина добиле медицински третман за напад на паника. Друг сведок на социјалните мрежи објавил видеозапис од евакуацијата, жестоко критикувајќи ја компанијата „Мадрид де Метро“ за задржување на патниците заклучени во возот повеќе од 30 минути.

Експлозијата ги прекинала услугите на метрото помеѓу станиците „Сајнц де Баранда“ и „Авенида де Америка“, но сообраќајот е веќе вратен во функција.

Во 2004 година, терористи поврзани со Ал Каеда го нападнаа мадридското метро со речиси истовремени, координирани бомбашки напади три дена пред парламентарните избори во Шпанија. Во експлозиите загинаа 192 лица и беа повредени околу 2 000 лица.