Како што пренесуваат американските медиуми, синот и наследник на поранешниот лидер на терористичката организација Ал Каида, Осама Бин Ладен, синоќа бил убиен.
Информацијата за “NBC” ја потврдиле тројца неименувани американски високи функционери, кои сепак не сакале да прецизираат кога и како бил убиен Хамза Бин Ладен, синот на озлогласениот лидер на Ал Каида, Осама Бин Ладен.
Тројцата функционери исто така не можеле да дадат информација околу тоа дали Соединетите Американски Држави одиграле некаква улога во смртта на убиениот лидер на Ал Каида, за кого се верува дека е роден во 1989-та година.
Американската телевизија пренесува дека и претседателот на САД, Доналд Трамп на прашањето на новинарите дали има некакви информации околу смртта на Хамза Бин Ладен, порачал дека „тоа не сака да го коментира“. Хамза Бин Ладен последен пат во јавноста беше виден на видео снимка која Ал Каида ја објави минатата година, во која што упати закани до Саудиска Арабија. Синот на Осама тогаш го повика народот на бунт против режимот на владеачката кралска династија во Саудиска Арабија.
Иако се уште не е познато дали Американците стојат зад можната ликвидација, треба да се спомене дека американскиот Стејт Департмент нудеше еден милион долари за било каква информација која би довела до утврдување на локацијата на Хамза Бин Ладен.