Свет 22. април 2020. / 11:15

Лидерите на ЕУ утре ќе ги „пеглаат“ ставовите за зеднички одговор на економската криза

Лидерите на ЕУ утре ќе ги „пеглаат“ ставовите за зеднички одговор на економската криза

Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ ќе се состанат в четврток преку видеоконференција за повторен обид да изнајдат компромис околу заеднички одговор на економската и социјалната криза која произлезе од пандемијата на корона вирусот.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ги повика лидерите да дадат зелено светло на предлогот на министрите за финансии за пакет од 540 милијарди евра и серија заштитни механизми за спас на приватните компании и на работниците, за тие да бидат функционални до први јуни годинава.

Сепак, главниот камен на сопнување за земјите членки на ЕУ е прашањето околу Фондот за закрепнување.

Мишел бара од лидерите на утрешниот самит да го одобрат овој предлог и да обезбедат доволно средства за овој фонд.

За оваа цел, предлагам да ја задолжиме Европската Комисија да ги анализира точните потреби и да даде предлог прилагоден на предизвикот со кој се соочуваме – стои во писмото на Шарл Мишел до 27 лидери на ЕУ.

Конкретно, земјите членки треба да се договорат не само за износот на овој фонд туку и за неговата поврзаност со повеќегодишниот буџет на Унијата, кој сѐ уште не е изгласан.

На вчерашното сослушување пред Европскиот Парламент, претседателот на Еврогрупата Марио Сентено, посочи дека Фондот за закрепнување, чија цел е да се рестартира европската економија, треба да биде одвоен од преговорите за буџетот на ЕУ 2021-2027.

Тој побара од ЕУ да се покаже креативна и иновативна во изнаоѓањето „свежи пари“ и дека со оглед на итната потреба да се воспостави овој фонд, земјите членки не можат да си дозволат повторување на макотрпните буџетски преговори. Тој предупреди и дека доколку не се постигне договор, одредени земји на ЕУ ќе се соочат со толку големо задолжување што целата еврозона ќе се најде во опасност, слично како при грчката криза.

Земјите членки на ЕУ се поделени на оние кои бараат заедничко споделување на долговите, на пример во облик на еврообврзници, и оние кои остро се противат на каков било чекор од тој тип. Во втората група спаѓа Германија, која во последните денови, сепак, покажува знаци на омекнување на ставовите.