На самитот одржан преку видео врска кој беше посветен на пандемијата на корона вирус и нејзините економски и социјални последици, лидерите на Европската Унија не постигнаа консензус за заеднички одговор на економската криза што и се заканува на ЕУ во наредните месеци.
Лидерите одлучија да им го препратат прашањето на министрите за финансии за повторни преговори.
Еден од предлозите за кои разговаа лидерите на ЕУ е можноста за издавање „корона обврзници“ за да им се помогне на најпогодените земји побргу да излезат од кризата, но Холандија јасно порача дека нема да поддржи таков вид на предлози. Одреден број земји, пред сѐ, од северна Европа, се на ист став како Холандија.
Досега ЕУ успеа да се договори дека треба да работи на пет клучни приоритети: спречување на ширењето на вирусот, помош во снабдувањето со медицинска опрема, инвестирање во научните истражувања за третман и вакцина, справување со економските последици и помош при репатријација на граѓаните на ЕУ заглавени во странство.
Европските земји и институциите на ЕУ во последниве недели се согласија исто така дека буџетските правила треба да бидат многу пофлексибилни за да можат државите да се соочат ефикасно со економските и социјалните последици од мерките на изолација.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, призна дека дебатите на ниво на лидерите биле напнати но и квалитетни и дека е отворен патот за институциите на ЕУ во наредниот период да постигнат опширен консензус.