Свет

Лех Валенса треба да се извини на лидерот на владејачката партија Јарослав Качински

Лех Валенса треба да се извини на лидерот на владејачката партија Јарослав Качински

Судот во Полска пресуди дека антикомунистичкиот дисидент и поранешен шеф на државата Лех Валенса треба да се извини на лидерот на владејачката партија Јарослав Качински за изречена клевета.

Лидерот на владејачката партија „Право и правда”, поднесе тужба против Валенса поради неговите ставови изнесени во социјалните медиуми со обвиненија против Качински за авионската несреќа во Смоленск во 2010 година.

При уривањето на претседателскиот авион, загина неговиот брат близнак и тогашен претседател Лех Качински и 95 други лица, високопозиционирани политичари и војници.

Во 2016 година, Валенса го обвини Качински дека воден од желбата да командува, преку телефонски повик инсистирал дека авионот треба да слета и покрај густата магла. Такви обвинувања упатуваа и други критичари на Качински, но тие не се докажани.

Судот во Гдањск денеска пресуди дека Валенса треба да му се извини на Качински преку разни платформи – радио, социјални медиуми и во лично писмо.

Судот утврди дека мислењето на Валенса, изразено на Фејсбук, ги надминува границите на слобода на говорот и ја поткопува репутацијата и достоинството на Качински. Според судијата, Валенса не обезбедил никакви докази за неговите тврдења зао Јарослав Качински.

Качински побара Валенса да уплати 30.000 злоти (8.000 долари) за добротворни цели, но судот не го прифати тоа.