Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман би можел да биде сменет поради кризата со убиството на новинарот Џамал Кашоги, наведуваат светските медиуми. Водечкиот весник „Ле Фигаро“ објави текст во кој се зборува за тоа дека кралското семејство активно размислува за замена на крунскиот принц, кој би требало да го наследи кралот Салман, додекс кралството се наоѓа пред најголемиот меѓународен притисок во современата историја поради убиството на Кашоги, за кого се верува дека е убиен по наредба токму на принцот.
Неименуван дипломатски извор за весникот рекол дека Советот за лојалност, односно државното тело задолжено за одобрување на редот на наследство на престолот, неколкупати во тајност се состанал во последните денови. Советот е составен од делегати кои ги претставуваат сите клонови, најмалку седум, од кралското семејство. Ова тело ја испитува ситуацијата создадена со исчезнувањето на новинарот Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, наведува весникот.
Според наводите на весникот, саудискиот режим сака да го замени 33-годишниот Мохамед со неговиот помлад, многу помалку амбициозен и предвидлив брат, принцот Калид бин Салман.
Советот веќе претходно минатата година го прекрши обичајното правило на наследување, кога го постави Мохамед како нов крунски принц наместо Мохамед бин Најеф, кој беше прв во редот за престолот.
Откако е на власт, престолонаследникот Мохамед бин Салман, уапси бројни принцови, високи претставници и бизнисмени, од нив го одзеде целото богатство, а се под изговор, дека се работи за борба против корупција. Тој и` нареди на саудиската војска да војува во Јемен, каде моментално е една од најголемите хуманитарни кризи во историјата.
Тој исто така го киднапираше либанскиот премиер, кој набрзо го ослободи да се врати во неговата земја, а затвори силни критичари и борци за човекови права.