Aвстрискиот канцелар, Себастијан Курц, изјави дека корона вирусот влегува во Австрија со автомобили, алудирајќи на загрижувачкиот развој на епидемијата на корона вирусот во Западен Балкан, популарна дестинација за одмор за голем број Австријци.
Зборувајќи пред новинарите, Курц повика на построги контроли од страна на здравствените власти на границите.
Имам големо барање за граѓаните. Ве молам, бидете внимателни. Бројот на (заразени) повторно расте, вирусот на пандемијата на корона сè уште не е надминат и ние мора да сториме сè за да го заштитиме здравјето во Австрија и пред сè да спречиме уште едно ‘затворање’ на економијата и земјата, за да не ги загрозиме работните места и економијата – објасни канцеларот.
Според Курц, најголем број меѓу активно болните се младите луѓе, кои обично се асимптоматски и дури не ни забележуваат дека се заразени.
На тој начин, тие ги заразуваат членовите на семејството и ги загрозуваат старите лица – предупреди Курц.
По таквата изјава на Курц, австрискиот министер за здравство, Рудолф Аншобер посочи дека сите оние кои се вратиле во Австрија од Хрватска до 17 август, односно кои се враќаат до полноќ, имаат можност за бесплатно тестирање и апелираше до граѓаните да ја искористат таа можност.
Вирусот на корона се шири првенствено преку луѓето кои се враќаат од одмор, особено од Хрватска – нагласи канцеларот.
Курц истакна дека ова е причината поради која Австрија ја донеla одлуката да издаде предупредување за патување во Хрватска, што ќе стапи на сила на полноќ. Тој најави дека контролите на границите ќе бидат засилени од понеделник на полноќ.
Министерството за здравство веќе издаде указ со кој се наредува зголемена и подобрена здравствена контрола на границите со Италија, Словачка, Словенија и Унгарија.
Сите повратници од одмор од државите за каде што е издадено предупредување за патување, мора да имаат негативен ПЦР тест за да влезат во Австрија, или мора да направат тест во Австрија во рок од 48 часа по враќањето во изолација дома.
Уредбата на Министерството бара надлежните органи детално да ги контролираат податоците на лицата кои се враќаат од регионите со ризик, односно доколку немаат негативен тест, да го пополнат образецот на местото каде што ќе бидат испратени во карантин до тестирањето.