Австрискиот канцелар Себастијан Курц вели дека трговската војна помеѓу Европската унија и САД, поради воведувањето на американските царини на челикот и алуминиумот ќе биде „исклучително негативна“ по двете страни.
„Европската унија треба да разгледа постигнување на заеднички одговор доколку Соединетите Американси Држави не ја продолжат мерката за исклучок на Унијата од тие царини по нејзиното утрешно истекување (1-ви мај)“, изјави Курц во интервјуто за телевизијата „Блумберг“ во Абу Даби.
Младиот австриски канцелар изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп сепак нема своите закани да ги спроведе во дело.
„Признавам дека сум загрижен поради тоа што би можело да дојде до некои нови трговски ограничувања. Доколку дојде до тоа, се надевам дека ние, како Европска унија, ќе можеме да дојдеме до договор за заедничката и јасна позиција“, изјави Себастијан Курц.
Американскиот министер за трговија Вилбур Рос порача дека САД планираат на некои земји да им го продолжат исклучокот од царинењето, но тоа нема да се случи со сите земји кои што тргуваат со САД.