Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека е можно, доколку е потребно, за неколку месеци да се одложи повлекувањето на Британија од ЕУ.
-Доколку е потребно, мора да ѝ дадеме повеќе време на Британија и да го поместиме датумот на истапување. Ако Британците предложат добар план, можно е одложување на датумот за повлекување за неколку месеци. – изјави Курц за виенскиот весник „Естерајх“.
Во врска со најавениот план Б на британската премиерка Тереза Меј, Курц рече дека се надева дека тој план конечно ќе ги разјасни работите за идните планови на Велика Британија.
-Се надевам дека со овој план ќе може да се избегне истапување (на Велика Британија од ЕУ) без договор. – рече Курц, но истакна дека е поизвесен „тврд“ Брегзит, односно излегување на Велика Британија од ЕУ без договор.
Запрашан дали Британците треба да останат во ЕУ, Курц одговори дека тој би сакал Велика Британија да остане.
-ЕУ ќе биде ослабена со заминувањето на Велика Британија, економски, политички и безбедносно-политички. – рече Курц.
Тој истакна дека Австрија е добро подготвена за сите сценарија.
Сите министерства, според него, со месеци вршат подготовки и под раководство на министерот Гернот Блимел подготвиле детален план, а се подготвиле и за Брегзит без договор.
-Сепак, Брегзитот без договор значи неизвесност за економијата, која никој не ја сака. – смета Курц.