Познатиот годишен бал во операта во Виена што беше планиран за февруари, нема да се одржи поради коронавирусот, соопшти денеска австриската Влада.
Традиционалниот настан што во разни облици постои од 1814 година, кога е организиран за забава на аристократијата за време на војните со Наполеон, за последен пат беше откажан во 1991 година, а причина тогаш беше Заливската војна.
По денешната седница на Владата, канцеларот Себастијан Курц пред новинарите соопшти дека „би било неодговорно да се организира балот поради ситуацијата со ковид-19“.
Балот кој требаше да се одржи на 11 февруари е еден од најважните монденски собири на европската политичка, економска и уметничка елита.