Австрискиот премиер Себастијан Курц денеска изјави дека е од суштинско значење дијалогот меѓу Белград и Приштина не само да продолжи, туку и да биде завршен, бидејќи тоа е единствениот начин за влез на Србија во ЕУ.
Се јавува уникатна можност историјата да остане историја и да тргнеме заедно кон иднината – изјави Курц во Белград, на конференција за новинарите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Курц рече дека влезот на Србија во ЕУ е можен само ако има решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина, поради што тој дијалог треба да биде успешно завршен.
Многу се надевам дека таквиот успех ќе биде можен, бидејќи сум убеден дека овој регион заслужува да биде дел од ЕУ – рече Курц и додаде дека ЕУ ќе биде комплетирана кога Западен Балкан и Србија ќе станат дел од неа.