Kубанската вакцина е во фазата три од испитувањата, а со вакцина не се снабдени само Кубанците туку и туристите кои ќе одат таму на одмор.
Туризмот е на колена насекаде во светот поради пандемијата со ковид -19 , но има земји кои претрпеа повеќе од другите во туризмот, како на пример, Куба, која уште далеку пред избувнувањето на глобалната пандемија имаше значително опаѓање на туристичките активности веќе во 2019 година (за – 10 проценти) поради санкциите наметнати од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Меѓутоа, сега, за да ги примами туристите повторно да се вратат на островот, Куба им направи привлечен предлог, нудејќи им ја вакцината за коронавирус бесплатно не само на нејзините жители, туку и на туристите кои ќе пристигнат на одмор на островот.
Над 42.000 волонтери на возраст меѓу 18 и 80 години веќе се подготвени да тестираат околу 150.000 дози на лекот во фазата три од испитувањата за сигурноста на вакцината.
Хавана се обврзала да обезбеди 100 милиони дози од самопроизведената вакцина со текот на времето за да го имунизира не само локалното население, туку и секој што сака да ја посети Куба како обичен турист.
Во реалноста, се тестираат четири вакцини: покрај Соберана 02 постои и Соберана 01 која сега е во фаза 2 на тестирањето, како и Мамбиса и Абдала, развиени од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија.
Куба исто така даде до знаење дека има намера да ги испрати своите вакцини и во други земји во развој или во држави со кои има важни геополитички сојузи, како што се Иран, Венецуела, Виетнам и Индија.