Криминална организација која со повеќе осомничени од Романија ја предводеле двајца Словенци од Марибор заработила најмалку 14 милиони евра со искористување на околу 300 лица во рамки на организирана проституција, објави словенечката полиција.
-Со истрагата е утврдено дека добро организирана криминална организација со најмалку 14 идентификувани членови и со точно утврдени хиерархиски должности спроведувала злоупотреба на проститутки, а ја воделе 50-годишник и 35-годишник од регионот на Марибор, изјави на конференција за новинарите Давид Антолович, заменик шефот на НПИ, полицискиот оддел за организиран и финансиски криминал.
Полицијата утврдила дека групата во локал во близина на Нова Горица кој го претставувале како сауна и велнес центар организирала место за пружање сексуални услуги кои ги нуделе лица од Украина, Романија и Албанија, но и од регионот на поранешна Југославија.
–Осомничените над жртвите имале целосна контрола и ги присилувале на послушност, изјави Антолович, додавајќи дека истрагата била прилично напорна и дека полицијата морала да спроведе и преглед на банкарските сметки на осомничените и нивните фирми, за да го собере потребниот доказен материјал од 2014, кога почнала нивната дејност.
-Тие вложиле многу труд и пари за она што го правеле да го прикажат како законско, кажа Антолович.
Во рации во Нова Горица, Марибор, Љубљана и Цеље во последните неколку дена се приведени петнаесетина лица поврзани со криминалната истрага и извршени се повеќе претреси на станови и возила.