Корона вирусот, кој е откриен на пазарот Синфади во Пекинг веројатно е повеќе заразен од оној што е пронајден во Вухан, изјави за кинескиот весник „Хуанкви Шибао“, Јанг Жангкју, професор на Институтот за вирологија при Универзитетот Вухан.
Во процесот на еволуција, инфективноста на вирусот може да се зголеми или намали. Но, мислам дека вирусот корона, пронајден на пазарот во Синфади е позаразен од оној што е најден на пазарот во Вухан, посочи професорот.
Тој објасни дека може да се спореди растот на бројот на пациенти на самиот почеток на пандемијата по појавата на вирусот корона во декември 2019 година и да дојде до заклучок дека таков раст е веќе постигнат во Пекинг за пократко време.
Покрај тоа, според него, епидемијата избувна во Вухан во зима, кога условите влијаат на ширењето на вирусот, а во Пекинг сега има висока летна температура, што не помага во ширењето на болеста. Исто така, имало многу пациенти во Вухан кои не биле во контакт со пазарот за морски плодови, додека во Пекинг сега се сите поврзани со пазарот Синфади.
Професорот смета дека разликата помеѓу сегашната состојба во Пекинг и она што се случи во Вухан е во тоа што Кина веќе се стекна со многу искуство и создаде ефективни механизми за заштита, благодарение на што може брзо да ги преземе потребните мерки за контрола и борба против епидемијата.
Во исто време, тој призна дека појавата на нови епидемии и видови на вирус го комплицира истражувањето и развојот на вакцините. Во Пекинг, пазарот во Синфади беше затворен во саботата заради откривање на вирусот корона кај 59 жители на градот, од кои повеќето имаа контакт со пазарот. Градските власти го зголемуваат бројот на тестови за локално население за инфекција.
На 11 март, Светската здравствена организација објави епидемија на нова инфекција со коронавирус, Ковид 19, за пандемија. Според најновите податоци, во светот се регистрирани над 8 милиони случаи на инфекција, а повеќе од 437 илјади луѓе починале.