Свет 29. февруари 2020. / 09:27

Корона вирусот им ги празни сметките: Најбогатите во светот за една недела загубиле 444 милијарди долари

Корона вирусот им ги празни сметките: Најбогатите во светот за една недела загубиле 444 милијарди долари

Поради сериозниот пад на вредноста на акциите на светските берзи поради корона вирусот вкупната сума што ја загубија 500 најбогати луѓе на планетата неделава изнесува 444 милијарди долари, јави агенцијата Блумберг.

Според анализата на агенцијата, тројцата најбогати луѓе во светот: извршниот директор на Амазон, Џеф Безос, коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, и генералниот менаџер на француската групација ЛВМХ (Луис Витон, Моет, Хенеси ), Бернар Арно, претрпеле најголеми загуби. Според проценките на агенцијата, нивната состојба на сметките е намалена за околу 30 милијарди долари.

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, 25-ти во ранкингот на најбогати луѓе на планетата, неделава загубил  девет милијарди долари, по падот на вредноста на неговите акции.

Според „Вол Стрит Џорнал“ последната недела се претвори во најнесреќната за американскиот берзански пазар по финансиската криза од 2008 година. Падот на индексот Дау Џонс за оваа недела изнесуваше 12.4 отсто, на S&P 500 е 11.5 отсто, на Насдак е 10.5 отсто.

Истовремено котирањата на акциите на повеќе од 95 отсто од компаниите, претставени на листата на индексот S&P 500, паднаа за повеќе од 10 отсто во однос на претходно постигнатите максимуми.