Свет 06. ноември 2020. / 22:07

Колку гласови останаа непребројани во САД?

Колку гласови останаа непребројани во САД?

Иако Бајден е многу блиску до победа, трката на претседателските избори во сад се уште е далеку од готова.

Според последните објави на изборните штабови на двата кандидати, во најмалку две држави ќе се одржи пребројување на гласовите од почеток, додека во неколку други ќе следат тужби за пријавени нерегуларности и обвинувања за фалсификат.

Моменталната битка е сведена на четири држави – Џорџија, Пенсилванија, Невада и Аризона.

Џорџија – рано утрово, Бајден успеа да го престигне водството на Доналд Трамп на 98%, со само 2% од гласовите останати непреброени. Менаџерот за надгледување на изборите во Џорџија, Габриел Стерлинг, објави дека се останати околу 4.000 гласачки ливчиња кои се непребројани. Околу 3.500 од ливчињата доаѓаат од областа Гвинет која е претежно демократска, додека во областа Коб се останати само 75. Во Републиканските области Флојд и Шероки, преостанати се 444, односно 150 гласачки ливчиња кои допрва треба да се проверат.

Покрај овие гласови, преостануваат да бидат пребројани и дел од гласачките ливчиња пополнети од страна на припадниците на армијата и останат екипаж кој е на служба надвор од земјата. Околу 8,900 од овие гласови ќе бидат пребројани во наредните неколку дена.

Пенсилванија – моментално, Бајден има мала предност од нешто над 13,000 гласови, но тоа водство постојано расте поради пребројувањето на гласовите поднесени во отсуство. Преостанати за пребројување се околу 124,000 гласачки ливчиња поднесени во отсуство, а за кои до сега се докажа дека го фаворизираат Бајден со над 70% од гласовите. Многу од овие ливчиња се оспорувани од страна на адвокатите на Трамп и останува судовите да одлучат дали истите ќе важат. Покрај овие гласачки ливчиња, преостанати за броење и 100.000 тн. provisional ballots – гласови кои се поднесувани условно, со тоа што комисијата додатно утврдува дали тој глас ќе се брои или не.

Аризона – државната секретарка Кејт Хобс, изјави дека моментално се преостанати уште 240,000 гласачки ливчиња кои треба да бидат преброени. До овој момент, водството на Бајден се намали од 70,000 на 41,000 гласови разлика или 1,3 проценти. Од преостанатите гласачки ливчиња, 137.000 ќе дојдат од областа Марикопа, која важи за упориште на демократите и во која се наоѓа градот Феникс. Исто така, во областа Марикопа има и околу 18.000 условни ливчиња. Гласањето се очекува да продолжи за викендот.

Според Њу Јорк Тајмс, Аризона е единствената држава каде што гласовите испратени по пошта, кои се пребројуваат последни, завршуваат во полза на Трамп, што го прави резултатот уште понеизвесен.

Невада – надлежните денеска објавија дека има уште приближно 140.000 ливчиња за пребројување, а мнозинство од нив доаѓаат од областа Кларк, каде што се наоѓа Лас Вегас и важи за дел во кој обично победувале Демократите.

Моментално, Бајден води во Невада со речиси 20.000 гласови или 1.6 проценти. Иако не може официјално да се објави, се претпоставува дека преостанатите гласови се главно демократски и во полза на Бајден, бидејќи повеќето се испратени по пошта.