Свет 28. август 2018. / 11:50

Кокаин спакуван во пакети со логото на партијата на Путин запленет во Белгија

Кокаин спакуван во пакети со логото на партијата на Путин запленет во Белгија

Белгиската полиција откри огромна пратка на кокаин, а тоа што е необично е што дрогата била спакувана во пакети со налепници идентични како логото на партијата на Владимир Путин, „Единствена Русија“.

Речиси два тони кокаин биле сокриени во три контејнери на брод кој што од Бразил пристигнал на пристаништето во белгискиот град Гент.

Дрогата била спакувана во 1,900 помали пакети на кои што било логото на партијата на Владимир Путин. Од владеачката партија во Русија не ја криеја својата изненаденост од тоа нарко-босовите во Бразил на ваков начин да се обидат да ја спакуваат пратката со дрога.

„Е, ова е веќе нешто! Или, можеби им се допаднало нашето знаме и мечката. Во секој случај, ми го разубавија денот, многу убаво се изнасмеав“, изјави високиот функционер во партијата и руски пратеник, Евгениј Равенко за руските медиуми.

И портпаролот на „Единствена Русија“ потврди дека најголемиот дел од функционерите се шегувале во врска со ваквата вест.

Од белгиската полиција соопштија дека станува збор за најголемата заплена на дрога во историјата на Гент. Пратката со кокаин чија што вредност на црниот пазар се проценува на околу 100 милиони долари била уништена неколку дена откако била запленета.