На кинескиот милијардер Инг Лап Сингу му е изречена казна од четири години затвор поради подмитување висок претставник на Обединетите нации. Казната му ја изрекол Федералниот суд во Њујорк, но служењето на казната нема да почне веднаш.
Кинескиот милијардер, како што пренсуваат американските медиуми, моментно се наоѓа во апартман на Менхетн и е под 24-часовен надзор. Одредена му е кауција од 50 милиони долари.
Инг бил прогласен за виновен бидејќи на двајца амбасадори во ОН им исплатил мито од 1,7 милион долари за да го поддржат неговиот план за изградба на конгресен центар на ОН во Макао.
Неговите адвокати тврделе дека тој исплаќал пари само тогаш кога му било побарано поради забрзување на тој проект.
Поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН, Џон Еш, кој бил дипломат на карипските држави Антигва и Барбуда, во врска со овој случај се изјаснил дека не е виновен, но чекајќи го судењето, тој починал.
Поранешниот амбасадор на Доминиканската Република, Франсис Лоренсо, признал дека е виновен и прифатил да сведочи против Инг. Конгресниот центар на ОН во Макао никогаш не е изграден.