Дебакл за американската армија? „Вашингтон пост“ пишува дека кинески хакери по налог на својата влада украле тајни американски планови за развој на ракета за подморници. Кина реагира брзо.
На доставувач на американската морнарица во јануари и февруари годинава му биле украдени големи количества податоци за развој на ракета за американските армиски подморници, пишува „Вашингтон пост“.
Освен тоа, украдени се информации и за просторијата за радио и навигациски врски на подморницата, кои, меѓу другото, содржат и податоци за системите на тајни кодови. Вклупно, украден е материјал со волумен од 614 гигабајти за проектот „Морски змеј“. Податоците биле меморирани во несигурна мрежа. Целиот украден материјал бил таен, тврди весникот повикувајќи се на информирани кругови. Морнарицата повела истрага со поддршка на ФБИ.
Името на фирмата-доставувач во текстот на „Вашингтон пост“ не е наведено. Единствено се вели дека фирмата работела за Центарот за подводни-морски војни, чија централа е во американската сојузна држава Род Ајленд.
Кинеската амбасада тврди дека не знае ништо за ваков напад. „Кинеската влада (…) се бори против сите форми на сајбер-напади во согласност со законот’, изјави портпарол на кинеската амбасада во САД за агенцијата ДПА.