Кинески воени авиони слетаа на еден од островите кои се предмет на спор со соседните земји во Јужното Кинеско Море, објави кинеското министерство за одбрана. Потегот на Кина вендаш беше осуден од САД бидејќи, според американските воени претставници, истиот претставува дестабилизација на регионот, објави Би-би-си.
Бомбардерот со голем дострел „H-6K“ бил еден од воените авиони кои учествувале во воената вежба на островот, организирана со цел да се зајакне способноста на Кина за интервенција и во најоддалечените територии.
Дел од морето во кое се одржуваат воените вежби е трговска рута која исто така е предмет на спор меѓу шест земји. Кина е обвинета дека го милитаризира тој дел од морето, а нејзиниот последен потег може да предизвика нови тензии во регионот. Кинсекото министерство за одбрана не го објави точното време на слетувањето на бомбардерот, но во соопштението се вели дека станува збор за вежба која е симулација на напади врз цели во морето.
Ге Дакинг, пилот во бомбардерот „Н-6К“, изјавил дека станува збор за воена обука што ја изострува храброста на воените пилоти и ги подобрува способностите за реални воени ситуации.
Видеото објавено од страна на „Пипл дејли“, го покажува слетувањето на бомбардерот и полетувањето од базата на островот Вуди, кој е најголем остров на контроверзните Параселски oстрови.
За островот Вуди, кој во Кина е познат како Јонгџинг, претенизии изразуваат и Виетнам и Тајван. Иако кинеските авиони веќе слетувале на тој остров, ова е првпат еден воен бомбардер да слета на него, што може да ги вознемири сите земји од југоисточна Азија.