Католичките бискупи од Кина ќе учествуваат на ватиканскиот синод, кој почнува оваа недела, објави Ватикан денеска по склопувањето на историскиот договор меѓу Светиот Престол и Пекинг.
„Ќе има двајца епископи од континентална Кина, папата ги повика”, изјави кардиналот Лоренцо Балдисери за новинарите. „Мислам дека тие се веќе на пат кон Рим”.
Епископите ќе присуствуваат на собирот што трае еден месец. Синодот почнува в среда и е посветен на улогата на младите во Католичката црква.
„Светиот Престол и порано ги канеше бискупите од Кина, но никогаш не можеа да учествуваат”, рече тој.
Балдисери рече дека ова е првпат кинеската влада да им дозволи на бискупите да ја напуштат земјата за ватиканскиот синод, собир што се одржува на неколку години и е посветен на различни теми.