Свет 06. септември 2019. / 20:53

Кина ќе гради подземна лабораторија за испитување на нуклеарен отпад на длабочина од 560 метри

Кина ќе гради подземна лабораторија за испитување на нуклеарен отпад на длабочина од 560 метри

Кина планира во пустината Гоби на длабочина од 560 метри да изгради лабораторија за испитување на нуклеарен отпад.

Целта на оваа лабораторија, која ќе биде лоцирана во провинцијата Гансу, е да се ипсита колку е погодна областа за долгорочно складирање на високо радиоактивен отпад произведен во нуклеарни централи.

Кинеските власти ја избраа провинцијата Гансу, бидејќи има идеални услови за складирање нуклеарен отпад, што значи дека нема многу сеизмички активности во областа што може да предизвикаат оштетување на објектот и испуштање на опасен радиоактивен материјал во подземните води.

Подземното складирање се смета за најдобро решение за нуклеарниот отпад, бидејќи потребни се илјадници години за распаѓање на радиоактивниот материјал, според Светската нуклеарна асоцијација (WNA). Користеното гориво треба да се спакува во запечатени резервоари од бакар и да се стават во подземни тунели или пештери и последователно да биде покриено со цемент или бентонитска глина за дополнителна заштита.

Кина ја смета нуклеарната енергија за одржлива алтернатива на рудниците за јаглен или зависноста од фосилни горива. Во моментов во Кина има околу 45 активни нуклеарни реактори и уште 15 во изградба.

Нуклеарниот отпад во моментот се чува во базени за ладење во области каде што се наоѓаат реакторите, но таквото складирање не е многу сигурно.