Статусот на „Аја Софија“ во Истанбул, како музеј кој e на листата на светското наследство, може да се промени само со одобрување од УНЕСКО, објави атинскиот „Катимерини“.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во вторникот предложи „Аја Софија“, која е изворно византиска христијанска соборна црква, повторно да биде претворена во џамија.
Турскиот претседател даде сличен предлог за време на телевизиското интервју во неделата, што предизвика реакции во Атина.
Првично изградена во 6 век, „Аја Софија“ беше главното седиште на Грчката православна црква. По османлиското освојување на Константинопол во 1453 година, била претворена во џамија.
„Аја Софија“ беше претворена во музеј по формирањето на модерната секуларна турска држава во 1923 година.