Во топлотен бран со висока влага во Јапонија во последните три недели настрадаа 80 лица, а околу 35.000 лица побараа лекарска помош или се префрлени во болница, соопштија денеска во Токио.
Минатата недела настрадаа 65 лица додека температурата надминуваше 35 степени Целзиусови, соопшти јапонската агенција за вонредни ситуации и додаде дека 15 лица настрадаа во претходните две недели.
Во Јапонија во последните недели било меѓу 35 и 40 степени со влага од околу 80 отсто.
Метеролошката служба наведе дека тоа е топлотен бран без преседан и дека може да се смета за природна катастрофа.
Повеќето настрадани се постари лица, но има и деца.
Портпаролот на јапонската влада Јошихиде Суга изјави рано утрово дека се неопхони додатни мерки за заштита на децата и додаде дека владата ќе субвенционира дополнителни клима уреди во училиштата.
Рекордната температура оваа година предизвика и загриженост зошто Олимписките игри во 2020 треба да се одржат во Токио среде лете од 24. јули до 9. август.