Свет 19. мај 2018. / 23:21

Каталонскиот претседател во новата влада вклучи министри кои сè уште се во затвор

Каталонскиот претседател во новата влада вклучи министри кои сè уште се во затвор

Новиот каталонски претседател, Квим Тора, формираше нова каталонска влада што вклучува двајца поранешни министри кои се наоѓаат во затвор и двајца кои се во егзил поради обидот за прогласување на независност на Каталонија.

Поборникот за независнот, Тора, денеска ја објави одлуката за назначување на членови на новата влада, но Мадрид би можел да го блокира процесот. Инаку, претседателот на Каталонија е исто така претседател и на регионалната влада.

Шпанската влада и натаму ја има власта врз оваа покраина, воведена на 27 октомври минатата година поради едностраното прогласување на независност која не заживеа. Властите во Мадрид го доведуваат во прашање именувањето на министри кои во моментов се наоѓаат во затвор или во егзил.

Од 13 советници во регионалната влада, двајца, Жорди Турул и Џозеп Рул, се наоѓаат во затвор недалеку од Мадрид. Покрај тоа, Тони Комин и Луис Пуиг живеат во егзил во Белгија каде што избегаа заедно со поранешниот претседател, Карлес Пучдемон, по падот на регионалната влада.

Турул и Рул на Твитер објавија дека ја прифаќаат должноста. Квим Тора, кој во понеделникот во парламентот на Каталонија беше избран за претседател, беше фаворизиран и од Пучдемон. Инаку, тој и понатаму се смета за легитимен претседател на Каталонија.

Пучдемон во Германија ја чека одлуката на судот за шпанското барање за негова екстрадиција. Шпанија сака да му суди за бунт, заедно со други сепаратисти кои учествуваа во обидот за отцепување.