Претседателот на каталонската Влада, Квим Тора, изјави дека сака да договори датум за референдум за независноста на Каталонија, како дел од разговорите со шпанската Влада, напоменувајќи дека патот кон отцепувањето на регионот од Шпанија е неповратен.
Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на североистокот од земјата, доминира на шпанската политичка сцена од 2017 година, откако тамошната регионална влада организираше референдум што беше забранет од Уставниот суд. Самостојноста не заживеа, но односите меѓу Мадирд и Барселона се заострија.
Тора во четвртокот се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез, кој одбива секаква иницијатива која води кон независност, но прифати да има разговори за иднината на Каталонија.
– Ќе бидеме независни. Самостојноста на Каталонија е апсолутно неповратна – изјави Тора за британските медиуими во седиштето на регионалната влада во Барселона, без да изнесува одредени рокови.