Премиерот на Канада, Џастин Трудо соопшти дека ќе бидат испратени 125 војници за да помогнат во покраината Квебек за справување со епидемијата на корона вирус што силно го погоди овој дел од земјата.
Трудо објасни дека припадници на канадските вооружени сили што ќе бидат распоредени во Квебек имаат медицинска обука.
Извор на канадската Влада соопшти дека над 2.000 луѓе се пријавиле и се подготвени да волонтираат во Квебек, каде што со Ковид-19 се заразени голем број луѓе во повеќе домови за стари лица.
Трудо, објави и дека државата ќе ослободи милијарда долари дополнителни финансиски средства за агенциите за регионален развој.
Канадскиот премиер најави дека ќе му помогне и на секторот за уметност, култура и спорт со 500 милиони долари.
Канада планира да инвестира 1,7 милијарди долари за финансирање на деконтаминација на напуштените нафтени наоѓалишта, за да се зачуваат и да се создадат нови работни места во енергетскиот сектор.
Според најновите информации, Квебек има 15.557 потврдени случаи на заразени со корона вирусот, какои и 630 смртни случаи од кои половината се во домови за грижа за стари лица.