Свет 06. мај 2018. / 12:37

Како Европската Унија се справува со непријателската пропаганда

Како Европската Унија се справува со непријателската пропаганда
Александар Нацев

Променливата природа на политичкиот и на вооружениот конфликт во денешно време, особено преку зголемената употреба на методите на хибридно војување, овозможува нашите противници индиректно да дејствуваат врз нашето општество преку различни форми на комуникација. Во денешниов информациски хаос, вистинитите информации многу лесно може да бидат затрупани со различни погрешни информации и дезинформации. Информацискиот простор е толку многу широк и различен, со огромен број на различни медиуми и информации (голем дел од нив контрадикторни едни на други), што пак придонесува до една навистина тешка одлука на кого и на што да се поверува и како да се детектира кое што е.

Овој феномен, кој доби особено големо внимание по претседателските избори во САД, последниве неколку години добива се поголемо внимание и во институциите на Европската Унија, заради тоа што се очекуваат обиди да се влијае врз европските парламентарни избори кои претстојат во 2019 година. Но, мора да се признае дека институциите на Европската Унија нема да се најдат потполно затечени со ваквата ситуација, затоа што веќе неколку години во составот на Европската служба за надворешни работи (EEAS) веќе постои одредена единица која со години се бори против дезинформации и пропаганда. Имено, единицата СтратКом Исток (East StratCom Task Force), позната и како EU Mythbusters на својот твитер профил, е воспоставена на седница на Европскиот Совет во март 2015 година, на која Високиот претставник на ЕУ добива задолжение, во соработка со останатите ЕУ институции и државите членки, да изготви акциски план за стратешки комуникации, со цел да се понуди одговор за дезинформационите кампањи кои ги спроведува Русија. Оваа единица е задолжена за развивање на комуникациски продукти и кампањи кои се фокусираат на објаснување на политиките на ЕУ во источниот регион на Унијата (Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина). Главните активности на оваа единица се:

  • Развивање на проактивни кампањи за стратешка комуникација, кои ќе бидат фокусирани на анализа и објаснување на главните области на ЕУ и креирање на позитивен наратив за ЕУ;
  • Ад-хок комуникација за релевантни политики на ЕУ;
  • Анализа на трендовите на дезинформирање, борба против дезинформациите и креирање контра наративи;
  • Зајакнување на медиумската средина

Исто така, оваа единица е задолжена и за унапредување на напорите на ЕУ за зајакнување на медиумската сфера во источните делови на Унијата, преку блиска соработка со другите институции на ЕУ. Како дел од овие напори, Единицата изработува два јавно достапни неделници, кои имаат за цел да ги разгледуваат актуелните дезинформации кои се во оптег. „The Disinformation Review“ е првото списание, кое прибира и обработува примери за про-руски стории кои се пласирани во Европа и во светот, а кои ги смета за дезинформации. Секој вторник, ова списание дава прецизни податоци за тоа каде се појавиле овие дезинформации, како се дисеминирани, во колку различни држави се појавиле и на колку различни јазици. Овие податоци, Единицата ги добива од воспоставената мрежа од преку 400 новинари, невладини организации, академски и јавни институции, кои ги има во преку 30 држави. Единицата прави анализа на овие податоци кои ги добива и ги следи трендовите на дезинформирање. Вториот неделник, „The Disinformation Digest“ нуди анализи за тоа како про-руските медиуми го претставуваат светот и дневните настани и ги следи клучните трендови на руските социјални мрежи. Преку овие анализи, се настојува да се формира една слика за поширокиот контекст на руските активности и влијанија. Ова списание излегува секој петок, и ги објавува анализите на Единицата.

Како дополнително зајакнување на полето на стратешките комуникации и справувањето со дезинформации, во јануари 2018 година, на ниво на ЕУ е формирана работна група составена од новинари, претставници од академската и стручната јавност, како и од невладиниот сектор, кои треба да дадат сугестии за справувањето со лажните вести и дезинформациите. Оваа група ќе има за цел да даде свој придонес за развојот на стратегијата на ЕУ за борба против лажни вести, која ќе биде презентирана до крајот на првата половина од 2018 година.

Она што може да се заклучи од погоре изнесеното е дека дезинформациите и пропагандата веќе се препознаваат како сериозен безбедносен предизвик на ниво на меѓународните институции и веќе се преземаат сериозни чекори за справување со нив. Потребно е и на ниво на Република Македонија да се отпочне со одредена анализа и преземање мерки и активности со цел да се спречат и неутрализираат негативните ефекти на дезинформациите и пропагандата.