Освен за треската „денга“, се предупредува и на потенцијалното ширење на други болести како сипаници, колера и дифтерија
Најмалку 132 случаи на заболени од треската „денга“ се регистрирани во источната јеменска покраина Мариб во последните недели, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на јеменското Министерство за здравство, објавено доцна синоќа, подрачната единица во Мариб апелира до владините агенции, но и до меѓународните организации за брза реакција за помош на локалните власти за справување со болеста.
Освен за треската „денга“, се предупредува и на потенцијалното ширење на други болести како сипаници, колера и дифтерија.
Од подрачната единица на Министерството се вели дека причина за ваквата состојба е континуираниот недостаток на средства како резултат на политичката и безбедносна ситуација во Јемен.
Според податоците на Светската здравствена организација (WHO), од треската „денга“ (болест предизвикана од инфекција со вирусот денга кој го пренесуваат комарците) во последната епидемија во Јемен, во 2016 година, починале 42 лица.
Јемен е средиште на судири од 2014 година, кога шиитските бунтовници Хуси го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Судирите ескалираа во 2015 година кога Саудиска Арабија, заедно со своите сојузници започна воздушна кампања во Јемен, насочена кон враќање на заземените подрачја од страна на Хусите.
Судирите ја уништија јеменската инфраструктура, здравствениот и санитарниот систем, а ОН ситуацијата во Јемен ја опишаа како една од најголемите хуманитарни катастрофи на модерното време.