Свет 10. септември 2018. / 10:33

Јапонскиот премиер ќе го менува уставот поради статусот на „силите за самоодбрана”

Јапонскиот премиер ќе го менува уставот поради статусот на „силите за самоодбрана”

Јапонскиот премиер Шинзо Абе (63) вети дека ќе го реформира јапонскиот пацифистички устав со започнување кампања за нов мандат на чело на Либерално-демократската партија која ја води веќе шест години.

Победата ќе му гарантира уште три години на чело на третата економска сила во светот, и тој ќе стане шеф на владата со најдолг стаж во историјата на Јапонија.

Во основната повелба диктирана од американскиот окупатор во 1947 година, по предавањето на Јапонија на крајот од Втората светска војна, Абе сака да додаде амандман на членот 9 за откажување од војната „засекогаш”.

Јапонија, која стана верен сојузник на САД за време на Студената војна, создаде воени сили наречени „сили за самоодбрана”, со цел да интервенираат само ако земјата е директно нападната.

Шинзо Абе објаснува дека сака да го промени уставот со цел да им даде јасен статус на овие единици, задржувајќи го притоа основниот принцип на пацифизам на којшто Јапонците се многу посветени.