Свет 21. јануари 2020. / 13:51

Јапонија работи на воведување 6Г мрежа

Јапонија работи на воведување 6Г мрежа

Јапонската влада одлучи да почне со подготовки за воведување на мобилната мрежа од шестата генерација (6Г), со намера оваа ултрабрза мрежа да почне да се употребува во земјата во 2030 година.

За таа цела е формиран стручен совет во кој се наоѓаат технички експерти, претставници на приватните компании и надлежните јавни установи, на кои задача ќе им биде да разработат комплексна стратегија за премин кон новиот формат.

Комуникацискиот систем од петтата генерација (5Г) пролетва ќе биде воведен во широка употреба во Јапонија. Во овој сегмент земјата заостанува зад САД и Јужна Кореја, каде што веќе се употребува 5Г технологијата.

Јапонските медиуми наведуваат дека владата во соработка со стопанството сака да го надомести ова доцнење и да ја преземе водечката улога во преминот кон уште побрзиот и посигурен систем, тој од шестата генерација, што треба да биде околу десетпати побрз од 5Г.

Широка употреба на системот 6Г се очекува особено во автономните возила без возачи.