Свет 02. јули 2018. / 15:22

Израелски тенкови на границата со Сирија

Израелски тенкови на границата со Сирија

„Силите се поставени утринава како дел од подготовките и засилената состојба на готовност поради случувањата на Голанската висорамнина“, соопшти израелската војска на Твитер.

Министерот за енергетика на Израел Јувал Стајниц изјави во петокот дека Израел мора да го спречи влегувањето на бегалците кои бегаат од Сирија.

„Мислам дека мора да го спречиме влегувањето на бегалците од Сирија во Израел, во минатото таквите случаи ги спречувавме“, изјави Стајниц.

Над 120.000 луѓе избегаа од југозападот на Сирија од почетокот на офанзивата на владините сили, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

Опсерваторијата, чие седиште е во Лондон, наведе дека десетици илјади луѓе се на границата на Сирија со Јордан, додека илјадници луѓе избегале кон Голанската висорамнина. Директорот на Опсерваторијата Рами Абдулрахман кажа дека цивилите главно бегаат од источниот дел на провинцијата Дера, а дека владините сили напредуваат.

Сирискиот град Даел на северозападот на провинцијата Дера прифати вчера да се врати под контрола на владата, соопшти државната сириска телевизија објавувајќи снимки од лице место.

Претходно сириската војска влезе во градот.

Владините сили на Сирија почнаа офанзива на југозападот на земјата во обид да ја вратат контролата врз регионот кај границата со Јордан и Голанската висорамнина.