Свет 30. април 2018. / 09:46

Израелската армија повторно уби Палестинци

Израелската армија повторно уби Палестинци

Израелските војници доцна синоќа убија тројца Палестинци во два поголеми инциденти на границата помеѓу Израел и Појасот Газа.

Со најновата ескалација која што резултираше со човечки жртви, бројката на убиени Палестинци од 30-ти март кога започнаа нивните масовни протести долж границата, се искачи на 48, пренесува новинската агенција „Франс Прес“.

Двајца Палестинци се обиделе да ја оштетат оградата на границата и да упаднат на израелска територија, соопшти портпаролот на израелската армија доцна синоќа, пренесуваат израелските медиуми. Војската потврди дека еден од нив е убиен, а трет бил уапсен.

Во другиот инцидент, двајца Палестинци упаднале на израелска територија и фрлиле запаливи бомби на израелските војници во близина на самата граница. Војниците возвратиле на нападот и притоа ги убиле двајцата Палестинци.

Претходно во текот на вчерашиот ден исто така бил уапсен еден Палестинец кој што се обиде да го стори истото.

Од почетокот на масовните протести наречени „Маршот на враќањето“, протести против израелската блокада и за правото на враќање на палестинските бегалци на сегашната територија на Израел, со боева муниција се ранети над 1,500 Палестинци. Како што е најавено, протестите ќе кулминираат во среда.
Палестинците протестираат секој петок, а последниот петок се проценува дека после петочната молитва на протести излегле над 10 илјади Палестинци. Тогаш 4 Палестинци беа убиени, вклучувајќи и едно 15-годишно момче.

На израелска страна, од почетокот на демонстрациите и судирите, ниту еден војник не е повреден. Израелската армија ја обвинуваат за прекумерна употреба на сила, но од официјален Тел Авив тврдат дека израелските војници само ги заштитуваат државните граници и националната безбедност.