Свет 29. јуни 2018. / 14:57

Израел: Жените се способни да управуваат со тенкови

Израел: Жените се способни да управуваат со тенкови

Жените се способни да управуваат со тенкови, утврдено е со пробната израелска воена програма која ја доведува во прашање историската машка ексклузивност во оклопните единици. Сепак, резултатите од експерименталната програма за вклученост на жените во тенковските единици, не значи и дека тие ќе почнат да управуваат оклопни возила, но ќе ја отвори можноста за интеграција на жените во овие единици, изјавил потполковникот Бени Ахарон, командант на еден од оклопните корпуси.

Воената служба во Израел е задолжителна, со некои исклучоци, и трае две години и осум месеци за мажи, а две години за жени. За служба во тенковските единици потребна е физичка способност за ракување со гранати и други посебно тешки делови на машината во случај на дефект. Поради ова, многумина пензионирани војници ја осудија пилот програмата како опасна.

„Целта на пилот програмата беше да се утврди дали четири жени може да управуваат со тенк во текот на рутински активности и одгворот е позитивен“, рекол Ахарон и додал дека експериментот се фокусирал само на операции за гранична одбрана, во пустината Негев во јужен Израел.

Инаку, вкупно 10 жени од избраните 15 успешно ја поминале програмата, од кои шест како членки на екипажот, а четири како командири. Во декември лани израелската војска соопшти дека бројот на жени кои служеле војска достигнал рекорд во 2017 – 2 700.

Во текот на последните неколку години, израелските тенкови се распоредени во неколку наврати во три воени судири со исламистичкото движење Хамас во појасот Газа и во текот на војната летото 2006 година со Хезбола во јужен Либан.