Свет 03. јули 2018. / 12:04

Израел: Македонски иноватори во посета на „Израел старт-ап нација“

Израел: Македонски иноватори во посета на „Израел старт-ап нација“

Македонски иноватори од победничките тимови од првиот хакатон „Биталион“ во тек на студиски престој во Израел презентираа проекти за еврејското наследство. Турата наречена „Израел-стартап нација” беше награда за најдобрите млади информатичари и иноватори од цела Македонија кои креираа дигитални алатки за да раскажат дел од историјата на Еврејската заедница во Битола.

Во Израел во тек на петдневниот престој на крајот на минатиот месец, тие ги презентираа проектите кои ги развија на битолскиот хакатон „Биталон“, што се одржа во организација на израелското Министерство за надворешни работи и македонското Министерство за информатичко општество и администрација, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола и здружението ,„Архам“.

– Првата идеја беше да се најдат алатки со кои младите луѓе во Македонија ќе се заинтересираат за историјата на Евреите, но излегоа поголеми работи. Младите иноватори направија дигитални алатки со кој ќе можеме да го продолжиме овој проект. Добивме повеќе одошто очекувавме. Сега веќе имаме идеи за неколку апликации, вели амбасадорот на Израел во Македонија Дан Оријан.

Турнејата низ Израел на македонските иноватори вклучуваше посета на Ерусалим, Тел Авив и Хаифа, средба со водечки технолошки компании, акцелератори и лидери, но и посета на локалитети од областа на културното наследство. Македонската делегација посети и група деца со посебни потреби кои што се рехабилитираат со помош на музика.