Свет 18. јуни 2018. / 11:16

Израел го бомбардира Појасот Газа поради палестинските запаливи змаеви (ВИДЕО)

Израел го бомбардира Појасот Газа поради палестинските запаливи змаеви (ВИДЕО)

Израел бомбардираше неколку цели во Појасот Газа денес утринава, соопшти израелската војска, како одговор на запаливите змаеви и балони кои Палестинците ги пуштаа кон Израел пред неколку дена.

Борбените авиони гаѓале девет цели вклучувајќи два воени објекти и погон за производство муниција кој му припаѓа на Хамас, воената организација што ја контролира Газа, наведе војската.

Нападите се слични на оние од вчера во кои, според израелската војска, биле гаѓани две возила кои наводно ги користеле Палестинците за пуштање змаеви со молотови коктели, кои запалиле израелски ниви покрај границата. Палестинските демонстранти користат змаеви во протестите кои почнаа на 30 март.

Над 120 Палестинци убија израелските сили на граничните протести од крајот на март до сега. Најголем број жртви имаше на 14 мај, денот кога САД ја преселија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Поради меѓународната осуда на употребата на сила Израел тврдеше дека голем број од убиените биле милитанти и дека израелската војска одбила напади на границата меѓу Израел и Газа, додека Вашингтон го поддржа правото на Израел на самоодбрана.