Претседателот на Израел, Рувен Ривлин денеска ќе му го даде мандатот на лидерот на партијата Бело – Сино, Бени Ганц да формира коалициска влада, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Од кабинетот се наведува дека мандатот ќе му биде даден на Ганц бидејќи досегашниот премиер на Израел, Бенјамин Нетанјаху не успеа да формира влада.
Нетанјаху претходно изјави дека се откажува од напорите да формира нова влада, откако не успеа да обезбеди мнозинство во Парламентот по септемвриските избори.
Лидерот на партијата Ликуд истакна дека му го враќа мандатот на претседателот Ривлин, откако се обиде „да воспостави влада на широко единство“.
– Последните неколку недели се обидував да го седнам Ганц на преговарачка маса, да формирам влада на широко единство и да избегнам нови избори – нагласи Нетанјаху.
Партијата на Ганц во кратко соопштение наведе дека е одлучна да формира либерална обединета влада.
Доколку и Ганц не успее да формира влада, тоа веројатно ќе доведе до нови парламентарни избори, трети од април досега.