На североисточниот брег на Бразил се излеани повеќе од 100 тони нафта, што претставува огромна закана за екосистемите на плажите во 42 града. Нафтата во морето е откриена откако беа пронајдени мртви желки, по што пливачите и рибарите беа отстранети од загаденото подрачје.
Нафтата е пронајдена на 105 места, а во тек е истрага за причините за загадувањето.
Бразилската нафтена компанија „Петробрас“ соопшти дека не станува збор за нафта од нејзините постројки, а претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, соопшти дека нафтените дамки на плажите во североисточниот дел на земјата не се од локално потекло.
– Тоа може да биде криминално злосторство, може да биде случајно протекување, а може и од брод кој потонал. Во нашите радари имаме земја која можеби е извор на овој протек и ние ќе продолжиме да правиме најдобро што можеме – изјави Болсонаро.
Министерот за животна средина на Бразил, Рикардо Салес изјави дека властите веќе еден месец преземаат мерки за заштита за да спречат помор на риби и други морски видови.