Премиерот на Италија, Џузепе Конте, им порача на Италијанците дека ќе можат да ги поминат годишните одмори на плажи и туристички дестинации во земјата, која почна постепено ги укинува ограничувањата воведени во борбата против епидемијата на корона вирус.
Летото нема да го поминеме на балконите, оставајќи ги убавините на Италија во карантин. Ќе можеме да одиме на плажите, планините и нашите убави градови, истакна Конте за неделното издание на „Кориере дела Сера“.
Конте додава дека би било убаво ако Италијанците го поминат одморот во Италија, иако тие одмори ќе бидат различни бидејќи луѓето ќе треба да ги следат препораките и мерките од здравствениот штаб и ќе мора да бидат внимателни.
Конте не појасни дали на Италијанците ќе им биде дозволено да патуваат во странство.
Според сегашните рестриктивни мерки, на граѓаните на Италија не им е дозволено да патуваат од една покраина во друга без валидни причини. Конте објасни дека сè уште не е познато кога тоа ограничување ќе се укине затоа што зависи од текот на епидемијата.