Свет 04. декември 2020. / 10:41

Италија: Полициски час и забрана за патување за Божиќ и Нова година

Италија: Полициски час и забрана за патување за Божиќ и Нова година

Италија ги забрани патувањата меѓу своите региони од 21 декември до 6 јануари, и воведе полициски час од 22 до 5 часот, како дел од новите рестрикции кои треба да го намалат ширењето на коронавирусот за време на претстојните празници.

Рестораните ќе може да работат само до 18 часот, а скијачките терени ќе останат затворени до 7 јануари. За Божиќ и Нова година, на Италијанците нема да им биде дозволено да го напуштат ни своето место на живеење.

Ова следува откако Италија вчера регистрираше 993 починати од ковид-19, што е дневен рекорд од почетокот на епидемијата. Претходниот рекорд изнесуваше 969 мртви на 27 март.

-Не смееме да се опуштиме. Мора да го елиминираме ризикот од трет бран во јануари, кој би можел да биде еднакво сериозен како првиот и вториот, кажа премиерот Џузепе Конте.

Регионалните власти ја критикуваа одлуката на владата, тврдејќи дека не биле консултирани. Гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана, ја опиша одлуката како луда.