Италијанската влада неделава ќе предложи мерки во вредност од 3,6 милијарди евра или 0,2 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) со цел да и помогне на економијата да ја издржи кризата предизвикана од епидемијата на корона вирусот.
Во интервју за весникот „Ла Република“ (La Repubblica), министерот за економија Роберто Галтиери изјави дека е убеден оти Европската Унија ќе го одобри неопходниот пристап за италијанскиот дефицит, додавајќи дека министрите на еврогрупата во средината на оваа недела телефонски ќе разговараат за оваа ситуација.
Италија го има најголемото жариште на корона вирус во Европа. Регистрирани се повеќе од 1.100 случаи на зараза, од моментиот кога болеста се појави во земјата на 20 февруари.
Досега во Италија од корона вирус се починати најмалку 29 луѓе.