Свет 21. април 2020. / 15:01

Италија ќе го олеснува карантинот од 4 мај

Италија ќе го олеснува карантинот од 4 мај

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, најави дека до крајот на оваа недела ќе ги објави планови за постепено олеснување на карантинските мерки воведени во земјата за борба против епидемијата на коронавирус.

Конте најави дека спроведувањето на тие планови ќе почне на 4 мај.

Би сакал да кажам, ајде да отвориме се. Веднаш. Почнуваме утре наутро. Сепак, таквата одлука би била неодговорна. Тоа ќе ја нацрта кривата на зараза нагоре на неконтролиран начин и ќе ги врати сите наши напори досега – напиша италијанскиот премиер на Фејсбук.

Конте повика да се преземат активности врз основа на национален план за отворање, но земајќи ги предвид локалните специфичности.

Премиерот наведе дека олабавувањето на ограничувањата ќе се заснова на внимателно истражување и научни податоци, а не за да се задоволи дел од јавното мислење или барањата од одредени сектори на производството, индивидуалните компании или специфични региони.

Италијанскиот премиер истакна дека спроведувањето на овој план носи ризици и сите мора да бидат подготвени да ги ограничат тие ризици на минимум.

Потребно е компаниите да ги почитуваат неопходните мерки за безбедност на работното место, но да го земат предвид протокот на работници што ќе го генерира „отворањето“, како и неговиот ефект врз јавниот превоз, особено за време на пик-часовите – додаде Конте.

Бројот на заразени во Италија вчера се намали на 2.256, што е најниско дневно ниво за повеќе од еден месец. Вирусот досега предизвика смрт на 24.111 лица во државата.