Италијанскиот премиер Џузепе Конте доцна синоќа најави запирање на „целата производна активност“ во земјата, што не е од суштинско значење за да се гарантира обезбедување на основните потреби на населението.
– Владата донесе одлука да ја затвори целата производна активност која не е строго неопходна, одлучувачка и суштинска за да ни ги гарантира основните добра и услуги, рече тој во официјалниот говор, најавувајќи го овој „дополнителен чекор“ во рестриктивни мерки, преземени во обид да се спречи ширењето на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Италијанскиот премиер додаде дека аптеките, супермаркетите и продавниците за храна, поштенските, финансиските и осигурителните услуги, транспортот ќе продолжат да работат.
– Ние го забавуваме моторот за производство во земјата, но не го запираме. Не можеме да ја скриеме реалноста што е пред нашите очи секој ден. Ова е најсериозната криза што земјата ја доживеа уште од Втората светска војна, рече Конте за „тешката одлука“.
Тој додаде дека за преземените мерки треба време пред да дадат резултати.
Во Италија досега од Ковид-19 заболеа 53.578 лица, од кои 4825 починаа а досега се излекуваа 6072 пациенти.