Свет 03. декември 2020. / 11:07

Истражувачи развиваат спреј за нос против Ковид-19

Истражувачи развиваат спреј за нос против Ковид-19

Истражувачи од Универзитетот во Пенсилванија во соработка со биотехнолошката компанија „Регенерон“ испитуваат дали технологијата развиена за генска терапија може да се користи во спреј за нос за заштитa од инфекција со коронавирусот, објави АФП.

Идејата е да се користи ослабен вирус за доставување генетски упатства до клетките во носот и грлото, што пак произведува моќни антитела кои спречуваат Ковид-19 да навлезе во човечкото тело.

Предноста на нашиот пристап е тоа што не бара компетентен имунолошки систем за да биде ефикасен, рече водачот на студијата Џејмс Вилсон од Универзитетот во Пенсилванија.

Технологијата моментално се тестира на животни, а Вилсон верува дека доколку биде успешна, може да им обезбеди на луѓето заштита од околу шест месеци со единствена доза прсната во носот. Спрејот за нос може да послужи како додаток на вакцините.

Истражувачите објасниле дека обично само имуните клетки прават антитела, што ја прави нивната идеја особено иновативна.

Универзитетот во Пенсилванија и Регенерон се надеваат дека ќе ги завршат студиите на животни до јануари, пред да побараат дозвола од американската Агенција за храна и лекови за да започнат испитувања врз луѓе.