Исланд е еднас од државите во светот која обезбедува најточни информации за пандемијата од корона вирусот поради една причина-со население од 364.260 жители исландските лаборатории прават многу повеќе тестови по глава на жител, отколку секоја друга држава во светот. До сега, во Исланд се тестирани над 17.900 лица, што претставува скоро 5% од населението. Еден дел од тестовите се прават во Националната универзитетска болница, каде се тестираат ризични групи и лица со јасни симптоми на корона вирусот.
Друга биофармацевтска компанија, пак, се фокусира на пошироката јавност.
-Нивната работа до сега ни дава добар ориентир дека нашите напори во ограничувањето на заразата се ефикасни, велат од исландската влада.
Во компанијата се тестирани 9.000 доброволци, а од нив помалку од 1% биле позитивни на вирусот. Но, од лабораторијата забележуваат друг важен аспект-околу половината од тие случаи или 50% биле асимптоматични.
До сега Исланд нема воведено построги мерки за карантин. Забрането е собирање на повеќе од 20 лица, а затворени се и училиштата. Според официјални лица, тоа е, пред се, резултат на тоа што властите биле многу подобро подготвени заради обемот на информации со кои располагале.
Исланд го започна тестирањето за корона вирусот уште на почетокот на февруари, неколку недели пред да се појави првиот смртен случај од болеста во Европа. Според податоците на владата, во Исланд има 1.086 потврдени случаи со Ковид-19 и 927 лица во карантин. До сега, повеќе од 5.000 лица се ослободени од изолација.
Според медицинските експерти, пак, малата држава може да даде добар пример за останатиот свет како да делува во спречувањето на ширењето на заразата.