Иран поднесе тужба против САД пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради повторното воведување економски санкции, соопшти иранското министерство за надворешни работи. „Тужбата е поднесена на 16 јули и е предадена во Судот“, се вели во соопштението и се додава дека целта е САД да одговараат за „повторното незаконско воведување незаконски санкции против Иран“.
„Напроти презирот на САД кон дипломатијата и сопствените законски обврски, Иран од своја страна е посветен на владеењето на правото“, изјави шефот на иранската дипломатија Мухамед Џавад Зариф и додаде дека од императивно значење е спротивставувањето на „американската навика на кршење на меѓународното право“.
Зариф кажа дека тужбата се однесува на американското кршење на меѓународните обврски особено кон американско-иранскиот договор за пријателство од 1955 гоидна. Тој договор во неколку наврати е спомнуван во споровите меѓу Техеран и Вашингтон пред Меѓународниот кривичен суд.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на 8 мај годинава дека неговата земја се повлекува од нуклеарниот договор кој во 2015 со Иран го постигнаа шесте големи сили – САД, Русија, Кина, Британија, Франција и Германија.
Со тој договор се ограничени нуклеарните активности на Иран на кој за возврат му беше ветено укинување на меѓународните санкции.
Трамп пред повлекувањето од договорот најави и повторно воведување на санкциите против Иран, кои во фази треба да почнат да се враќаат од август.