Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф остро ги критикуваше Германија, Велика Британија и Франција за време на денешната прес-конференција во Њу Делхи.
Да потсетиме, трите европски држави во текот на оваа седмица јавно ги прозваа властите од Техеран за непочитување на нуклеарниот договор, од кој САД неодамна се повлече.
Имено, потегот на трите европски земји доаѓа непосредно откако Трамп побара од европските земји потписнички на иранскиот нуклеарен договор да го раскинат договорот со Иран.
Во меѓувреме беше откриено дека администрацијата на Доналд Трамп на своите европски партнери им се заканила со воведување на остри санкции за европските автомобили доколку Берлин, Лондон и Париз јавно не го осудат Иран.
Тие велат „ние не сме одговорни за тоа што го прави САД“. Добро, но вие сте независни земји. Европа, Европската унија е најголемата економија на светот. Зошто тогаш дозволувате САД да ве малтретира?, запраша Зариф.
Запрашан за судбината на иранскиот нуклеарен договор од 2015-та година, Зариф истакна дека тој се уште не е мртов.