Индијанските племиња Сијукси, во американската држава Јужна Дакота одбиваат да ги отстранат контролните пунктови за превенција од корона вирусот, поставени на патиштата што минуваат низ нивната територија.
Гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, минатата недела им пишала писмо на поглаварите на неколкуте племиња, во кое навела дека контролните пунктови се нелегални.
Сијуксите веруваат дека контролите се единствениот начин да се осигураат дека вирусот нема да биде внесен во нивните резервати и додаваат дека поради ограничениот капацитет на здравствените установи тие не би можеле да се справат со епидемијата.
Во моментов, само оние кои не патувале во жариштата со Ковид-19 може да влезат во резерватите и тоа под услов да имаат важна работа и да пополнат здравствен прашалник.
Гувернерката Ноем им се заканила на двете племиња, Оглала и Чејен, дека ќе ги изведе пред Федералниот суд доколку не ги почитуваат наредбите за отстранување на контролните пунктови.
Нема да се извиниме затоа што ние сме остров на безбедноста во морето од неизвесност и смрт. Вие продолжувате да се мешате во нашите напори да го направиме тоа што го диктираат науката и фактите, сериозно поткопувајќи ја нашата способност да ги заштитиме сите резервати – се наведува во одговорот на поглаварот на Чејените, Харолд Фрејзер, до гувернерката.
Јужна Дакота е една од ретките американски држави што не издаде наредба до своите жители да останат дома.
Меѓу Индијанците до вчера има 198 заразени со корона вирус, а во самата Јужна Дакота досега има повеќе од 3.500 потврдени и најмалку 34 смртни случаи.