Свет 21. ноември 2018. / 22:19

И Швајцарија одби да ја потпише резолуцијата на ОН за имигранти

И Швајцарија одби да ја потпише резолуцијата на ОН за имигранти
NYT2009030318474763C

Неподржувањето на овој договор од страна на Швајцарија е значајно, бидејќи швајцарскиот пратеник во Обединетите нации Јерг Лаубер е еден од двајцата главни преговарачи на договорот.

Швајцарија се приклучи на се поголемиот број земји кои нема да го потпишат глобалниот договор за миграција на ОН во декември, најави владата на земјата.

Швајцарската влада објави дека „сака да ја одложи конечната одлука за да ги причека заклучоците од парламентарната расправа“, пренесе АП.

Швајцарските противници на договорот стравуваат дека неговите необврзувачки политички цели со текот на времето би можеле да се интерпретираат како законски обврски. Меѓу нив се националистичката Народна партија, најголемото политичко движење во земјата, како и либералите и централно-десничарските пратеници.

Членките на ОН би требало да се соберат на 10 и 11 декември во мароканскиот град Маракеш за да го потпишат тој договор.

Тој договор е контроверзен во многу западни земји, особено во оние на чие чело се конзервативните влади. Свое спротивставување на договорот изразија Полска, Австрија, Чешка, Унгарија, Бугарија, Естонија, Израел, Австралија и САД.

Критичарите на Маракешката декларација тврдат дека овој необврзувачки договор ја прогласува економската миграција за човеково право, додека поборниците тврдат тој ќе го поправи меѓународното управување со брановите мигранти и ќе ја зајакне заштитата на човековите права.