Лидерот на венецуелската опозиција, Хуан Гваидо, денеска се врати во земјата од турнејата во Латинска Америка и покрај забраната да патува во странство и заканите дека ќе биде уапсен. Тој на својот профил на „Твитер“ напиша дека без проблеми ја поминал границата.
Гваидо слетал на главниот аеродром во земјата, на оддалеченост од 40-ина километри од Каракас. Неколку европски амбасадори, кои го поддржуваат Гваидо, го пречекале на аеродромот.
Гваидо повика на масовни протести на денот кога ќе се врати во земјата. Неколку стотини негови приврзаници се собрале непосредно пред неговото пристигнување во Каракас. Тој најави дека ќе го зголеми притисокот врз претседателот Николас Мадуро да поднесе оставка и потоа преодната влада да ја презеде власта и да ја подготви Венецуела за фер и слободни избори.
Мадуро тврди дека е цел на американски заговор, чија задача е негово симнување од власт.
САД денеска ја предупредија владата на Мадуро да не презема никакви мерки против Гваидо кога ќе се врати во земјата.